Посетители:51128
Врачена наградата освоена на 44. Меѓународен училиштен натпревар за политичко образование

Наградата на учениците во името на нејзината екселенција амбасадорката на СР Германија во Република Македонија Кристине Алтхаузер, им ја врачи раководителот на одделот за култура во германската амбасада, госпоѓа Хелга Тајпел, на пригодна свеченост што се одржа во просториите на училиштето на 29 април 2015 година.

Учениците од 9а одделение од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда како учесници на 44-от реномиран Меѓународен натпревар за политичко образование. Проектот на тема „Енергијата на ветер во Република Македонија“, под менторство на предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски, освои награда во својата возрасна категорија. На традиционалниот натпревар кој се одржува во Бон, Германија, 45-членото жири, стручни лица, наставници како и претставници на тамошното Министерство за образование и култура, го истакнаа своето мислење за доделената награда. Според нив, проектот на учениците од 9а одделение, не само што имаше квалитет и креативна форма при презентација, туку содржеше и детален опис и целосна анализа за потенцијалот на ветерната централа која се гради во Богданци и која годинава треба да почне со производство на електрична енергија.
На Меѓународниот училишен натпревар за политичко образование, организиран од Сојузната централа за политичко образование, учествуваа повеќе од 50.000 ученици од 29 земји со вкупно 2.752 проекти.
На наградените им се обрати Хелга Тајпел и меѓу другото истакна: „Се радувам што ќе ги поделам наградите на учениците од ова училиште. Тие направија проект за енергијата, го посетија ветерниот парк во Богданци каде што направија свое истражување и овој проект е награден во Германија. Во силна конкуренција каде што учествуваа околу 50.000 млади таленти, токму овие деца се наградени и ова е едно огромно достигнување и им посакувам многу успех во иднина“
На поздравот се надоврза и нивниот ментор, наставникот Стефан Симовски кој рече: „На овие натпревари учествуваме веќе девет години и во текот на сите освоивме исто толку награди. Оваа година конкуренцијата беше уште поголема од изминатата година. Се работи за своевидна Олимпијада во политичко образование и натпреварот секоја година зема се поголем замав. Особено ми е мило што за овој натпревар иницијативата поттекнува од самите ученици. Учествуваме на типично германска тема и ете, пријатно изненадување ни е што на овој наптревар успеваме да освоиме награда. Интензивната ефективна работа на проектот е околу три месеци, период во кој учениците беа целосно ангажирани“
За секој ученик, освен диплома, како награда дополнително ќе следуваат и книги. Учеството на овој реномиран натпревар, ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како вон наставна активност, со финансиска поддршка од страна на фондацијата „Фридрих Еберт“.

 

 
Банер