Посетители:43928
Освоена награда на 44. Меѓународен училиштен натпревар за политичко образование во Бон

Проектот „Енергија на ветер во Република Македонија“ изготвен од учениците од ООУ „Лазо Трповски“ 9а одделение (ментор Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик)  на 44. Меѓународен училиштен натпревар за политичко образование (екипен меѓународен натпревар на германски јазик што традиционално се одржува во германскиот град Бон) освои награда во својата возрасна категорија.


Покровител на овој реномиран меѓународен натпревар е претседателот на Германија, Јоахим Гаук. Неодамна стручното жири составено од 40 члена, стручни лица, наставници и претставници на тамошното Министерство за образование и култура, официјално ги објави наградените. (повеќе информации може да најдете на веб-страницата на организаторот www.schueler-wettbewerb.de).


Според мислењето на стручното жири голем придонес за доделената награда имаа не само неоспорниот квалитет и креативната форма на презентација на проектот, туку и деталниот опис и целосната анализа за потенцијалот на ветерната централа што се гради во Богданци и која годинава треба да почне со производство на електрична енергија.
На 44. меѓународен училиштен натпревар за политичко образование, организиран од Сојузната централа за политичко образование од Бон учествуваа повеќе од  50 000 ученици од 29 земји со вкупно 2 752 проекти. Една од спецификите на овој меѓународен натпревар што претставува своевидна „Олимпијада“ по политичко образование не е само големата конкуренција, туку и двете фази, првата елиминаторна во која стручно жири составено од 100 членови најдоцна до почетокот на февруари ги одредува финалистите  и финална во која четириесетчлено стручно жири ги избира најдобрите, односно во која поединечно го оценува секој проект што се пласирал во финалето со испраќање на писмена повратна информација што претставува своевидно стручно образложение за постигнатиот успех. Наградените проекти организаторот ќе ги објави во билтенот што ќе излезе од печат кон крајот на јуни годинава.


Учеството на овој реномиран натпревар ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје го реализира како воннаставна активност со финансиска поддршка од страна на фондацијата Фридрих Еберт.

 

Стефан Симовски

 
Банер