Посетители:51128
Врачени признанијата освоени на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2014

 

На 22 октомври 2014 година почесниот конзул на Јапонија во Република Македонија, н.е. Казу Лешниковска на пригодна свеченост им ги врачи признанијата на учениците од ООУ „Лазо Трповски“ што ги освоија на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2014 во Токио, Јапонија. Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија.Натпреварот се организира во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој во образованието“ (проект што трае од 2005-2014 година и во кој активно се вклучени 144 земји-членки на УНЕСКО и 8 земји-набљудувачи).

 

Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија. Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Мојата улога како граѓанин на светот“ 5 ученици Мартина Јовановиќ, Леонид Цветиновски, Софи Јанкоска, Мила Тодоровска и Емилија Митовска го претставуваа училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар, координирани од тројца наставници-ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик. На тој начин учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ добија можност да творат заедно со 13 635 свои врсници од 151 земја од целиот свет на иста тема. Личната творба напишана во форма на есеј не смееше да содржи повеќе од 700 збора и беше напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето (германски или англиски јазик).

Почесниот конзул на Јапонија во Република Македонија, н.е. Казу Лешниковска,  во своето обраќање ја истакна симболиката на денешниот свечен чин. Имено, тој се поклопува со јубилејот 20 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Јапонија. Таа им честиташе на учениците и ги охрабри да продолжат да работат на унапредувањето на мултикултурната соработка.

Директорката на училиштето м-р Елеонора Стрезовска во своето обраќање до учесниците нагласи дека училиштето преку овој проект на УНЕСКО и фондацијата ГОИ четврта година едноподруго гради мостови меѓу културите и ја овозможува комуникацијата која создава просперитет и културен подем и ги пофали учениците кои решија преку своите пера да пренесат во светот од малата Македонија порака за мир и меѓусебно разбирање. Тие својата улога како граѓани на светот ја споделија заедно со околу 14 000 свои врсници од 151 земја. Тие се гласот на политичарите, верските, интелектуалните лидери и сите што влијаат на нашите секојдневни животи. Стрезовска потенцираше дека благодарејќи на овие млади автори нашето училиште четврт пат едноподруго може да ја покаже својата културна димензија како активен учесник во „глобалното село“. Тие се свесни дека културната разноликост го прави светот поубаво место за живеење, оти мора да постои меѓусебно разбирање за да се избегнат меѓународните конфликти и за да си помогнеме кога за тоа има потреба. Мора меѓусебно да се разбираме за да ја изградиме потребната почит за полесно прифаќање на културните разлики што постојат во светот.

На свеченоста координаторот на проектот, Стефан Симовски, ја прочита пораката пратена од страна на организаторите на натпреварот до учениците од ООУ „Лазо Трповски“ во која меѓу другото организаторите нагласуваат: Младите играат важна улога во обликувањето на нашата иднина. Но за да може да го покажат својот потенцијал младите мора да бидат мотивирани. Целта на УНЕСКО е да ги оспособи младите да ги покажат своите способности. Годинашниот меѓународен литературен натпревар им овозможи на младите во светот да ја покажат својата енергија, фантазија и подготвеност во создавањето на култура на мирољубив соживот. Натпреварот претставува инспирација за подготвеноста на нашето општество да учи од младите и да размислува како секој од нас би можел да даде свој придонес за подобра иднина. Годинава завршува одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ проект што се реализира од 2005-2014 година и во кој активно се вклучени 144 земји-членки на УНЕСКО и 8 земји-набљудувачи. Овие млади автори се тие што ќе играат важна улога во обликувањето на нашата иднина.

Стефан Симовски, координатор на проектот

 
Банер