Посетители:43927
Финалисти на меѓународниот литературен натпревар за млади 2014 во Токио, Јапонија

 

Во рамки на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ (проект што се реализира од 2005-2014 година и во кој активно се вклучени 144 земји-членки на УНЕСКО и земји-набљудувачи) ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје четврти пат едноподруго учествува на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија. Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија.

 


Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија. Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Мојата улога како граѓанин на светот“ 5 ученици од седмо и осмо одделение (Мартина Јовановиќ, Леонид Цветиновски, Софи Јанкоска, Мила Тодоровска и Емилија Митовска) го претставуваа училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар, координирани од тројца наставници-ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик. На тој начин учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ добија можност да творат заедно со 13 635 свои врсници од 151 земја од целиот свет на иста тема. Личната творба напишана во форма на есеј не смееше да содржи повеќе од 700 збора и беше напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето (германски или англиски јазик).

Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страната на организаторите www.goipeace.or.jp односно на веб-страницата на УНЕСКО www.unesco.org/youth. Првата и втората награда се парични, а организаторот доделува вкупно 33 награди за најуспешните млади автори и специјална награда за најуспешно училиште на натпреварот. На првонаградениот млад автор наградата ќе му биде врачена на свеченост во Токио на 11 декември годинава, а патните трошоци и престојот во Токио ги покрива организаторот на овој светски реномиран натпревар. Финалистите од целиот свет независно од конечниот пласман согласно одлуката на жирито добиваат признанија за учество.

Стефан Симовски, раководител на проектот

 
Банер