Посетители:43927
Врачена наградата освоена на 43. Меѓународен училиштен натпревар за политичко образование

Наградата на учениците во името на нејзината екселенција амбасадорката на СР Германија во Република Македонија Гудрун Штајнакер им ја врачи раководителот на одделот за култура во германската амбасада, госпоѓа Хелга Тајпел, на пригодна свеченост што се одржа во просториите на училиштето на 21 мај 2014 година.


Проектот „Добрите и мрачните страни на глобализацијата“ изготвен од учениците од ООУ „Лазо Трповски“ 8б одделение (ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик и Даниела Радевска, предметен наставник по хемија) на 43. Меѓународен училиштен натпревар за политичко образование (екипен меѓународен натпревар на германски јазик што традиционално се одржува во германскиот град Бон) освои награда во својата возрасна категорија (за ученици од 5-8 одделение).

„Наградата е показател за исклучителниот ангажман на наставниците и на учениците и потврдува дека е вложено многу труд, но и дека процесот бил забавен.Тоа е и целта на оваа награда, да ви покаже дека учењето низ забава, а не напамет, е многу поефективно“ - истакна меѓу другото госпоѓа Тајпел во своето обраќање до наградените. „Годинашната награда претставува уште една потврда за континуитетот на осумгодишната традиција на ООУ „Лазо Трповски“ на успешни учества на овој реномиран натпревар чиј покровител е претседателот на Сојузна Република Германија, Јоахим Гаук. Имено, нашето училиште досега осумпати едно по друго учествува на натпреварот во Бон и досега има освоено осум награди“ – рече директорката на училиштето, м-р Елеонора Стрезовска, упатувајќи благодарност до учениците и наставниците за нивниот ангажман, но и на Фондацијата „Фридрих Еберт“ за поддршката.


Покровител на овој реномиран меѓународен натпревар е претседателот на Германија, Јоахим Гаук. Стручното жири составено од 40 члена, стручни лица, наставници и претставници на тамошното Министерство за образование и култура, официјално ги објави наградените во март годинава. (повеќе информации може да најдете на веб-страницата на организаторот www.schueler-wettbewerb.de).


На 43. меѓународен училиштен натпревар за политичко образование, организиран од Сојузната централа за политичко образование од Бон учествуваа повеќе од  50 000 ученици од 29 земји со вкупно 2 216 проекти. Меѓу нив 48 ученици од петто и осмо одделение и тројца наставници во улога на ментори од ООУ „Лазо Трповски” – Скопје во својата возрасна категорија ја претставуваа нашата земја под уставното име со два проекта на актуелни политички теми, и тоа: „Живот без мобилен и интернет“ (изготвен од 5а одделение, ментори: Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик и Елена Угриноска, одделенски раководител на 5а одд.) и „Добрите и мрачните страни на глобализацијата“  (изготвен од 8б одделение деветолетка, ментори: Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик и Даниела Радевска, предметен наставник по хемија). Проектот на учениците од 5а одд. „Живот без мобилен и интернет“ успеа да влезе во пошироката конкуренција за награди, но не и да освои една од наградите.


Една од спецификите на овој меѓународен натпревар што претставува своевидна „Олимпијада“ по политичко образование не е само големата конкуренција, туку и двете фази, првата елиминаторна во која стручно жири составено од 100 членови најдоцна до почетокот на февруари ги одредува финалистите  и финална во која четириесетчлено стручно жири ги избира најдобрите, односно во која поединечно го оценува секој проект што се пласирал во финалето со испраќање на писмена повратна информација што претставува своевидно стручно образложение за постигнатиот успех. Наградените проекти организаторот ќе ги објави во билтенот што ќе излезе од печат кон крајот на јуни годинава.
Учеството на овој реномиран натпревар ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје го реализира како воннаставна активност со финансиска поддршка од страна на фондацијата Фридрих Еберт.

Стефан Симовски, предметен наставник во ООУ „Лазо Трповски“ – Скопје

 

 
Банер