Посетители:43928
Освоена награда на 43. Меѓународен училиштен натпревар за политичко образование

Проектот „Добрите и мрачните страни на глобализацијата“ изготвен од учениците од ООУ „Лазо Трповски“ 8б одделение деветолетка (ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик и Даниела Радевска, предметен наставник по хемија) на 43. Меѓународен училиштен натпревар за политичко образование (екипен меѓународен натпревар на германски јазик што традиционално се одржува во германскиот град Бон) освои награда во својата возрасна категорија (за ученици од 5-8 одделение).


Наградениот проект на учениците на ООУ “Лазо Трповски“ заедно со останатите наградени проекти ќе биде изложен на изложбата што ќе биде отворена во изложбениот салон на Сојузната централа за политичко образование во Бон на почетокот на април годинава и која ќе трае 15 дена.
Покровител на овој реномиран меѓународен натпревар е претседателот на Германија, Јоахим Гаук. Неодамна стручното жири составено од 40 члена, стручни лица, наставници и претставници на тамошното Министерство за образование и култура, официјално ги објави наградените. (повеќе информации може да најдете на веб-страницата на организаторот www.schueler-wettbewerb.de).
На 43. меѓународен училиштен натпревар за политичко образование, организиран од Сојузната централа за политичко образование од Бон учествуваа повеќе од  50 000 ученици од 29 земји со вкупно 2 216 проекти. Меѓу нив 48 ученици од петто и осмо одделение и тројца наставници во улога на ментори од ООУ „Лазо Трповски” – Скопје во својата возрасна категорија (од 5 до 8 одделение) ја претставуваа нашата земја под уставното име со два проекта на актуелни политички теми, и тоа: „Живот без мобилен и интернет“ (изготвен од 5а одделение, ментори: Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик и Елена Угриноска, одделенски раководител на 5а одд.) и „Добрите и мрачните страни на глобализацијата“  (изготвен од 8б одделение деветолетка, ментори: Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик и Даниела Радевска, предметен наставник по хемија). Проектот на учениците од 5а одд. „Живот без мобилен и интернет“ успеа да влезе во пошироката конкуренција за награди, но не и да освои една од наградите.
Една од спецификите на овој меѓународен натпревар што претставува своевидна „Олимпијада“ по политичко образование не е само големата конкуренција, туку и двете фази, првата елиминаторна во која стручно жири составено од 100 членови најдоцна до почетокот на февруари ги одредува финалистите (според строги и транспарентно наведени критериуми кои непосредно по распишувањето на натпреварот организаторот ги објавува на својата веб-страна: во финалето односно во пошироката конкуренција за награди влегуваат една третина од вкупниот број проекти) и финална во која четириесетчлено стручно жири ги избира најдобрите, односно во која поединечно го оценува секој проект што се пласирал во финалето со испраќање на писмена повратна информација што претставува своевидно стручно образложение за постигнатиот успех. Наградените проекти организаторот ќе ги објави во билтенот што ќе излезе од печат кон крајот на јуни годинава.
Учеството на овој реномиран натпревар ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје го реализира како воннаставна активност со финансиска поддршка од страна на фондацијата Фридрих Еберт.

Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик

 

 
Банер