Посетители:51130
Финалисти на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2013 во Токио, Јапонија

Во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ (проект што се реализира од 2005-2014 година и во кој активно се вклучени 144 земји-членки на УНЕСКО и земји-набљудувачи) ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје трет пат едно по друго учествува на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија. Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија.


Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија. Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Моќта на културата во создавањето подобра иднина“ тројца осмоодделенци финалисти Мартина Јовановиќ, Сара Петкоска и Жарко Кртолица го претставуваат училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар, координирани од тројца наставници-ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик. На тој начин учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ добија можност да творат заедно со повеќе од 15 000 свои врсници од 157 земји од целиот свет на иста тема. Личната творба напишана во форма на есеј не смееше да содржи повеќе од 700 збора и беше напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето (германски или англиски јазик).
Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страната на организаторите www.goipeace.or.jp односно на веб-страницата на УНЕСКО www.unesco.org/youth. Првата и втората награда се парични, а организаторот доделува вкупно 33 награди за најуспешните млади автори и специјална награда за најуспешно училиште на натпреварот. На првонаградениот млад автор наградата ќе му биде врачена на свеченост во Токио на 27 ноември годинава, а патните трошоци и престојот во Токио ги покриваат организаторите. Финалистите од целиот свет независно од конечниот пласман согласно одлуката на жирито добиваат признанија за учество. Имињата на наградените млади автори ќе бидат објавени на почетокот на ноември на ВЕБ-страницата на организаторите.

 

Стефан Симовски, раководител на проектот

 
Банер