Посетители:47276
Меѓународен училиштен натпревар по бионика 2011

ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје годинава учествуваше на Меѓународниот училиштен натпревар по бионика во Инголштат, СР Германија. Натпреварот го организира  фондацијата за заштита на животната средина „Ауди“ од Инголштат. Темата што ја зададе организаторот гласеше „Што може техниката да научи од природата“. Проектот „Природата како пример во нашето секојдневние“ што го изготвија (на германски јазик) учениците од 7в одделение во соработка со д-р Весна Димова, доцент на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а според пропозициите на натпреварот во координација со тројца ментори, Даниела Радевска, предметен наставник по хемија, м-р Милица Патраклиева, предметен наставник по географија и Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик  успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот, влезе во финалето, односно во потесната конкуренција за награди и освои една од наградите. За ова значајно меѓународно постигнување фондацијата за заштита на животната средина „Ауди“ секој ученик поединечно  го награди со подарок книга -специјално издание на енциклопедија за млади од областа на биониката „Abenteuer Leben-Natur-Technik“ (во превод на македонски јазик: „Авантура живот-наука-техника“), некомерцијално издадена по повод натпреварот (во ограничен тираж наменета исклучиво за учесниците и младите истражувачи), во соработка со реномираното германско книгоиздателство „Бертелсман“ од Гитерсло и „Висенмедија“ при „ИнмедијаОНЕ“ д.о.о од Минхен. На почетокот на ноември годинава независно шестчлено стручно жири составено од научници, наставници и научни работници официјално ги прогласи наградените проекти. На трите првонаградени проекти наградите ќе им бидат врачени на крајот на ноември годинава во седиштето на фондацијата „Ауди“ во Инголштат.

Во своето писмено обраќање до учесниците на натпреварот од ООУ „Лазо Трповски“ раководителите на фондацијата за заштита на животната средина „Ауди“ д-р Дагоберт Ашац и Антон Пол, меѓу другото, истакнаа дека оригиналната идеја и креативното претставување на проектната задача наишле на одобрување и воодушевување кај членовите на стручното жири и оти обајцата жалат што проектот изготвен од страна на учениците од 7в одделение жирито не го наградило со една од трите главни награди, туку со специјално признание. Тие искрено се надеваат дека ова специјално признание ќе претставува поттик за натамошен несебичен ангажман на учениците во заштитата на животната средина.

Организаторот додели вкупно три главни награди, а првата награда е седумдневно наградно патување во Германија со вклучена посета на фабриката „Ауди“ во Инголштат, новоотворената фабрика за производство на возила од марката ауди во унгарскиот град Ѓер и на меѓународниот научно-истражувачки центар на природата „Ајхенвалд“ во Минхен, Германија (каде учениците ќе добијат можност да заразат дрво со штетник со помош на џи-пи-ес уред, кое по природен пат ќе успее да се одбрани од него). Право на учество на натпреварот имаа учениците од 4. до 7. одделение од училиштата во Европа. Учеството на натпреварот беше екипно, а еден од условите беше задолжително ангажирање на наставник-ментор како раководител на проектот. Првонаградените три проекти во целост се објавени  на веб-порталот www.wissen.de

Стефан Симовски

 
Банер