Посетители:43928
ВО МЕДИОТЕКАТА НА ООУ „ЛАЗО ТРПОВСКИ“ ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „МОРСКА КАВГА“ ОД ДРАГАНА ТОДОРОВА

Во медиотеката на ООУ „Лазо Трповски“ на 2 октомври 2014 година беше промовирана книгата „Морска кавга“ од шестоодделенката Драгана Тодорова. Книгата е издание на книгоиздателството Санто Стеф – С од Скопје, а илустрациите се на Снежана Тодорова.
„Идејата за објавување на мојата басна во стихови беше резултат на успехот што го постигнав на  6. Меѓународен училиштен литературен натпревар во Берлин минатата година“ – вели Драгана.

 

 

„Во водените пространства на нашата планета“ беше темата на која 800 ученици од цела Европа твореа во главниот град на Германија минатата година, а беше организиран од германскиот центар за сказни „Мерхенланд“ од Берлин во соработка со Министерствата за образование на Германија, Швајцарија и Австрија. Драгана за својата басна во стихови „Морска кавга“ на овој меѓународен натпревар од страна на стручното жири беше наградена со пофалница.
Инспиративните колоритни слики на сините длабочини Драгана успешно ги преточила во басна во која главните ликови се водни животни кои водат дијалог со вешто составени римувани стихови со многу динамика и досетливост.

 

Промоцијата на „Морска кавга“ наиде на голем интерес кај присутните ученици од училиштето кои интерактивно се вклучија на промоцијата проследена со пиеса со морски напливи, во изведба на учениците од Vб одделение, а осмислена од наставничката Христина Димковска, која на овој начин сака да ја поттикне љубовта кај децата кон читањето книги.
„На овој начин сакам да ги охрабрам моите врсници и соученици да творат и да ја претставуваат Република Македонија на меѓународни натпревари од ваков карактер“- ни рече Драгана.

Соња Јовановска

 
Банер