Посетители:43927
Врачени признанијата на финалистите на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2012

На 2 октомври 2012 година во аулата во ООУ „Лазо Трповски“ со почеток во 17:30 часот свечено им беа врачени признанијата за учество на финалистите од двете скопски училишта ООУ „Лазо Трповски“ и ООУ „Владо Тасевски“ освоени на Меѓународниот литературен натпревар за млади што се одржува во Токио, Јапонија.Финалистите од двете скопски училишта ги поздрави и на пригодната свеченост им ги врачи нејзината екселенција почесниот конзул на Јапонија во Република Македонија, Казу Лешниковска.

Двете училишта вторпат едноподруго успешно учествуваат на овој реномиран меѓународен литературен натпревар што го организираат Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија, кој се организира во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој во образованието“ (проект што трае од 2005-2014 година и во кој активно се вклучени 144 земји-членки на УНЕСКО и земји-набљудувачи). Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Да создаваме иднина каква што сакаме“ дванаесет ученици од ООУ „Лазо Трповски“ Росица Турмакоска, Маја Петревска, Мартина Јовановиќ, Сара Петкоска, Дамјан Антевски, Андреа Колар, Марија Угриноска, Јована Маројевиќ, Никола Мајстороски, Теодора Аврамоска, Мартина Самаракова и Жарко Кртолица успешно ја поминаа прелиминарната фаза на натпреварот координирани од менторите Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик. Од ООУ „Владо Тасевски“ прелиминарната фаза на натпреварот успешно ја поминаа седумнаесетте ученици  Маја Алексовска, Петар Алексовски, Ива Анастасова,  Бојана Аневска,  Марија Арсова, Меги Блажевска, Марио Чоланчевски, Никола Димитровски, Еленица Христовска, Тамара Илиоска, Кристина Јакимовска, Катерина Колчаковска, Ана Марковска, Елена Пренџова, Мелина Стојановска, Ангела Стојчевска и Кристијан Угриновски координирани од менторите Виолета Панев и Билјана Ингилизова, предметни наставници по англиски јазик и Смиља Христовска и Санда Пулевска, предметни наставници по германски јазик. На тој начин учесниците од двете основни училишта добија можност да творат на иста тема заедно со повеќе од 8 000 свои врсници од целиот свет. Личната творба напишана во форма на есеј не смееше да содржи повеќе од 800 збора и мораше да биде напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштата (на германски или англиски јазик).


Првата и втората награда се парични, а стручното жири доделува вкупно 33 награди за најуспешните млади автори и специјални награди за најуспешни училишта на натпреварот. Наградите на наградените млади автори од целиот свет ќе им бидат врачени на свеченост што ќе се одржи во Токио на 25 ноември годинава. На првонаградениот млад автор патните трошоци и престојот целосно му ги покриваат организаторите на овој светски реномиран натпревар. (Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страната на организаторите www.goipeace.or.jp или на веб- страната на УНЕСКО www.unesco.org/youth).

Стефан Симовски, координатор на проектот

 

 
Банер