Посетители:43928
Меѓународен литературен натпревар за млади 2011

Во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“ (проект што трае од 2005-2014 година и во кој активно се вклучени 144 земји-членки на УНЕСКО и земји-набљудувачи) ОУ „Лазо Трповски“ од Скопје годинава учествува на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија. Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија. Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Што ме инспирираше да го направам светот поубаво место за живеење“ учествуваа 5 ученички од 6 и 7 одделение, и тоа: Мартина Јовановиќ, Јована Маројевиќ, Јана Крстевска и Бојана Ѓорѓиева од 6б одделение и Андреа Колар од 7в одделение, координирани од тројца наставници-ментори Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик, Соња Јовановска, предметен наставник по македонски јазик и Лилјана Симоновска, предметен наставник по англиски јазик. На тој начин учесничките од ОУ „Лазо Трповски“ добија можност да творат заедно со повеќе од 8 000 свои врсници од целиот свет на иста тема. Личната творба напишана во форма на есеј не смееше да содржи повеќе од 800 збора и мораше да биде напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето (германски или англиски јазик).

Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страната на организаторите www.goipeace.or.jp односно на веб-страницата на УНЕСКО www.unesco.org/youth. Првата и втората награда се парични, а организаторот доделува вкупно 33 награди за најуспешните млади автори и една специјална награда за најуспешно училиште. На првонаградениот млад автор наградата ќе му биде врачена на свеченост во Токио во ноември годинава, а патните трошоци и престојот во Токио ги покрива организаторот на овој светски реномиран натпревар. Првичните официјални резултати околу пласманот на учесниците од целиот свет ќе бидат познати во септември годинава. Тогаш организаторите ќе ги објават имињата на финалистите. Финалистите од целиот свет независно од конечниот пласман согласно одлуката на жирито добиваат признанија за учество.

Стефан Симовски, раководител на проектот

 
Банер