Посетители:38554
Четвртоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ наградени во Берлин

Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018 кој традиционално се одржува во Берлин, Германија. Заедничкиот проект изготвен од учениците од 4б одделение „Ние и Ербас“ беше координиран од двајца наставници во својство на ментори Елена Угриноска и Стефан Симовски. Проектот на учениците од нашето училиште успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот и влезе помеѓу десетте најдобри проекти, а за својот конечен пласман (7. место) наградените добија соодветни дипломи и прикладен трофеј (автентичен модел на товарниот авион од флотата на Ербас: Ербас Белуга во размер 1:200).


Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас). Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение ја донесе деветчлено стручно жири. Подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de


Во името на деветчленото стручно жири на наградените ученици од ООУ „Лазо Трповски“ им се обрати раководителот на натпреварот Тим Е. Бранд, кој меѓу другото истакна:
„Ви благодарам за прекрасниот проект. Не грижете се што не стоите највисоко на пиедесталот зашто и вие сте меѓу наградените на натпреварот. Да така е, радувајте се, затоа што и вие освоивте награда! Наградени сте затоа што вашиот проект е фантастичен, затоа што се забавувавте додека го работевте и затоа што сте одлични тимски играчи. Се разбира сите финалисти на натпреварот освојуваат награда! Вашата награда е летачки трофеј за целото одделение и диплома за секого од вас. Се надевам дека учеството на натпреварот ви беше толку забавно како што му беше и на стручното жири кога го оценуваше вашиот проект“.


Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност.

 

 

 

 

 

Стефан Симовски, координатор на проектот

 
Банер