Посетители:49934
Тројца ученици од ООУ „Лазо Трповски“ наградени во Берлин

Тројца ученици од ООУ „Лазо Трповски“ на 8. Меѓународен училиштен литературен натпревар во Берлин, Германија, на тема „Аладин, волшебната ламба и јас“ што го организира „Германскиот центар за сказни“ од Берлин, во соработка со Министерствата за образование на Германија, Австрија и Швајцарија за пласманот во финалето од страна на петчленото стручно жири беа наградени со соодветни пофалници.

Во Берлин со свои стихувани лични и ликовни творби годинава учествуваа повеќе од 1 000 ученици од 8 земји, и тоа: Германија, Австрија, Швајцарија, Франција, Италија, Хрватска, Полска, Македонија. Натпреварот традиционално се одржува во рамките на манифестацијата „Берлински денови на сказните“.Стихуваната лична творба на Томислав Јовановски и ликовните творби на Сара Поповска и Клара Блинков се пласираа помеѓу 150 најдобри на натпреварот. Учениците на натпреварот беа координирани од двајца наставници во својство на ментори: Соња Јовановска и Стефан Симовски.Организаторот на натпреварот традиционално им овозможува и на младите илустратори да учествуваат на натпреварот со соодветни илустрации на зададената тема. Притоа организаторот дозволува и во литературното творење и во ликовното изразување активно да учествуваат и групи ученици од едно одделение. Во своето обраќање до финалистите од ООУ „Лазо Трповски“ раководителката на проектот, Биргит Маршал, меѓу другото истакна: „Ви благодариме за личните творби и илустрациите полни со интересни креативни идеи и се надеваме дека имавте можност да уживате додека ги пишувавте личните творби и ги цртавте илустрациите. Токму поради овој податок не треба да се разочарувате што не сте меѓу дванесетте првопласирани, затоа што и вие од страна на стручното жири во кое имаше претставници од Министерството за образование добивате соодветно признание за вашиот креативен ангажман“.

 

На свеченото врачување на пофалниците директорката на ООУ „Лазо Трповски“, м-р Елеонора Стрезовска, меѓу другото им го честиташе успехот на учениците и ги охрабри да продолжат активно да го афирмираат училиштето на меѓународен план.

Стефан Симовски

 
Банер