Посетители:43928
Лични творби на ученици од ООУ „Лазо Трповски“ наградени со пофалници во Берлин

 


Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ на 7. Меѓународен училиштен литературен натпревар во Берлин, Германија, на тема „Дали ќе се исплашиш или ќе бидеш храбар, прашање е сега?“ што го организира „Германскиот центар за сказни“ од Берлин, во соработка со Министерствата за образование на Германија, Австрија и Швајцарија за пласманот во финалето од страна на петчленото стручно жири беа наградени со соодветни пофалници.
Во Берлин со свои стихувани лични и ликовни творби годинава учествуваа повеќе од 1 100 ученици од 10 земји, и тоа: Германија, Австрија, Швајцарија, Франција, Италија, Хрватска, Полска, Македонија, Египет и Канада. Натпреварот традиционално се одржува во рамките на манифестацијата „Берлински денови на сказните“.


Стихуваните лични творби на Драгана Тодорова, Виктор и Викторија Додевски, Сара Поповска и ликовните творби на Борјан Деспотовски, Андреј Антов, Климентина Чаповска, Мила Стаматовска, Тијана Мурџева, Александар Бараковски, Андреј Кушовски, Бојан Столевски, Дамјан Салтамарски, Филип Карамачоски, Георгина Серафимовска, Исидора Тримоска, Клара Блинков, Јован Станковиќ, Мартина Терзиева, Мила Ќурчинска и Томислав Јовановски обезбедија пласман помеѓу 300 најдобри на натпреварот. Учениците на натпреварот беа координирани од шест наставници во својство на ментори: Ирена Грегориќ, Елена Угриноска, Розета Сугарева, Соња Јовановска, Маре Мановска и Стефан Симовски.
Организаторот на натпреварот традиционално им овозможува и на младите илустратори да учествуваат на натпреварот со соодветни илустрации на зададената тема. Притоа организаторот дозволува и во литературното творење и во ликовното изразување активно да учествуваат и групи ученици од едно одделение.

 


Во своето обраќање до финалистите од ООУ „Лазо Трповски“ раководителката на проектот, Биргит Маршал, меѓу другото истакна: „Ви благодариме за личните творби и илустрациите полни со интересни креативни идеи и се надеваме дека имавте можност да уживате додека ги пишувавте личните творби и ги цртавте илустрациите. Како што можев да разберам од вашите искажувања и од искажувањата на вашите наставници годинашнава тема за вас беше необична. Тоа значи дека задачата да напишете или илустрирате приказни за чудовишта, сеништа и други страшни (митски) суштества воопшто не беше лесна. Токму поради овој податок не треба да се разочарувате што не сте меѓу дванесетте првопласирани, затоа што и вие од страна на стручното жири во кое имаше претставници од Министерството за образование добивате соодветно признание за вашиот креативен ангажман“.


На свеченото врачување на пофалниците директорката на ООУ „Лазо Трповски“, м-р Елеонора Стрезовска, меѓу другото им го честиташе успехот на учениците и ги охрабри да продолжат активно да го афирмираат училиштето на меѓународен план.

Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страницата на организаторот следниот линк http://maerchenland-ev.de/veranstaltungen/internationale_wettbewerbe14.html

Стефан Симовски




 

 
Банер