Посетители:43928
Лични творби на ученици од ООУ „Лазо Трповски“ наградени со пофалници во Берлин


Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ на 6. Меѓународен училиштен литературен натпревар во Берлин на тема „Во водените пространства на нашата планета“ што го организира германското здружение „Мерхенланд“ од Берлин, Германија, во соработка со Министерствата за образование на Германија, Австрија и Швајцарија за пласманот во финалето од страна на петчленото стручно жири беа наградени со пофалници. Тие се пласираа меѓу 300 најдобри во конкуренција на лични творби и помеѓу 400 најдобри во конкуренција на илустрации. Натпреварот традиционално се одржува во Берлин во рамките на манифестацијата „Берлински денови на сказните“, а годинава организаторот ја зададе темата по повод стогодишнината од основањето на Зооаквариумот во Зоолошката градина во Берлин.

Во главниот град на Германија со свои стихувани лични и ликовни творби годинава учествуваа 2 800 ученици од 18 земји од светот, и тоа: Германија, Австрија, Швајцарија, Египет, Бразил, Шведска, Шпанија, Кина, Грција, Норвешка, Финска, Франција, Казахстан, Хрватска, Канада, Сингапур, Русија и Македонија.





Со вкупно девет стихувани лични творби напишани во форма на басни учениците Кристијан Буневски, Софи Јанкоска, Мила Тодоровска, Сања Здјелар, Емилија Чешмеџиевска, Андреа Блажеска, Матеа Крстаноска, Јана Климоска, Сара Петрушевска, Ања Тодоровска, Ева Лазовска, Софија Ацковска, Бојана Јовановиќ, Драгана Тодорова, Тамара Стојмановска координирани од пет наставници ментори, Соња Јовановска, Розета Сугарева, Оливера Маџоска, Дивна Наумовска и Стефан Симовски твореа на иста тема заедно со своите врсници од целиот свет. Учесниците на натпреварот мораа да напишат стихувана басна што ќе содржи од 300 до 500 збора или да илустрираат стихувана басна, а на секое одделение му беше дозволено да учествува најмногу со три лични и една ликовна творба.
На тој начин организаторот на натпреварот им овозможи и на младите илустратори да учествуваат на натпреварот со соодветни илустрации за некоја од басните напишана од некој од своите соученици. Притоа организаторот дозволи и во литературното творештво и во ликовното изразување активно да учествуваат не само група ученици од едно одделение или еден ученик поединечно, туку и цели одделенија. Со соодветни пофалници за пласманот во финалето стручното жири во категорија на илустрации награди и пет ученици од ООУ „Лазо Трповски“: Бојана Маројевиќ, Борјан Деспотовски, Стефан Затенко, Бобо Николов и Мила Славковска.

Во своето обраќање до финалистите координаторката на проектот, Биргит Маршал, во име на организаторот на натпреварот „Германскиот центар за сказни“ меѓу другото истакна: „Ви благодариме за испратените лични творби и илустрации полни со прекрасни креативни идеи и се надеваме дека имавте можност да уживате додека ги пишувавте и читавте стихуваните лични творби и ги цртавте илустрациите. Не треба да се разочарувате што не сте меѓу дванесетте првопласирани, затоа што и вие од страна на стручното жири добивате соодветно признание за својот успешен креативен ангажман“.
Дванаесетте најдобри стихувани басни заедно со дванаесетте најдобри илустрации ќе бидат објавени во „Календарот на сказни за 2014 година“. Петчленото стручно жири ги објави наградените на конференција за печат што се одржа на 16 септември годинава во Зоолошкиот аквариум во Берлин. Наградите на тројцата првопласирани натпреварувачи ќе им бидат врачени на пригодна свеченост во Зооаквариумот во Берлин во ноември годинава во рамките на манифестацијата „24. Берлински денови на сказните“. Сите финалисти независно од пласманот покрај пофалниците како награда го добиваат и „Календарот на сказни за 2014 година“.
Повеќе информации во врска со натпреварот може да најдете на веб-страницата на организаторот следниот линк http://www.maerchenland-ev.de/veranstaltungen/internationale_wettbewerbe.html

Стефан Симовски, координатор на проектот

 
Банер