Посетители:43927
Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ наградени во Берлин

 

Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ на 5. Меѓународен училиштен литературен натпревар на тема „Кога би бил крал...“ што го организира германското здружение „Мерхенланд“ од Берлин, Германија, во соработка со Министерствата за образование на Германија, Австрија и Швајцарија за пласманот во финалето од страна на петчлено стручно жири беа наградени со пофалници. Тие се пласираа меѓу 150 најдобри во конкуренција на лични творби и помеѓу 100 најдобри во конкуренција на илустрации. Натпреварот се одржува во Берлин во рамките на манифестацијата „23. Берлински денови на сказната“, а по повод 200 години од излегувањето од печат на книгата „Детски и куќни сказни“ од браќата Грим. Во главниот град на Германија со свои лични творби и илустрации годинава учествуваа околу 2 500 ученици од 12 земји од светот, и тоа: Германија, Австрија, Швајцарија, Египет, Бразил, Обединетите Арапски Емирати, Лихтенштајн, Шведска, Шпанија, Кина, Австралија и Македонија.

Со вкупно 11 стихувани лични творби напишани во форма на сказновидни балади учениците Кирил Соколов, Илина Милошеска, Бисера Атанасова, Емилија Митовска, Александра Петковска-Банак, Елена Ордевска, Мартина Тасева, Огнен Бошњаковски, Тимотеј Бојаровски, Матеа Крстаноска, Јана Климоска, Сара Петрушевска, Ања Тодоровска, Ева Лазовска, Оља Тодоровска и Марија Павловска координирани од четворица наставници ментори Розита Костова, Дијана Петроска, Дивна Наумовска и Стефан Симовски на овој начин добија несекојдневна можност да творат на иста тема заедно со свои врсници од целиот свет. Учесниците на натпреварот во својата стихувана лична творба мораа да употребат најмалку десет од дадените клучни зборови од страна на организаторот, а на секое одделение му беше дозволено да учествува со најмногу три лични творби и една илустрација.
На тој начин организаторот на натпреварот им овозможи и на младите илустратори да учествуваат на натпреварот со соодветни илустрации за некоја од баладите напишана од нивните соученици. Притоа организаторот дозволи и во литературното творештво и во илустрирањето активно да учествуваат не само група ученици од едно одделение или еден ученик поединечно, туку и цели одделенија. Со соодветни пофалници за пласманот во финалето стручното жири награди и четири ученички од ООУ „Лазо Трповски“: Мартина Караскаковска, Огнена Додевска, Бојана Маројевиќ и Јована Маројевиќ.
Во своето обраќање до финалистите координаторката на проектот, Биргит Маршал, во име на „Германскиот центар за сказни“ меѓу другото истакна: „Ви благодариме за испратените лични творби и илустрации полни со прекрасни креативни идеи и се надеваме дека имавте можност да уживате додека ги пишувавте и читавте стихуваните лични творби и ги цртавте илустрациите. Не треба да се разочарувате што не сте меѓу првите дванесет, затоа што и вие од страна на стручното жири добивте признание за својот краетивен ангажман“.
Дванаесетте најдобри сказновидни балади заедно со дванаесетте најдобри илустрации ќе бидат објавени во „Календарот на сказни за 2013 година“. Наградите на тројцата првопласирани натпреварувачи ќе им бидат врачени на свеченост во Берлин што ќе се одржи во ноември годинава во рамките на манифестацијата „23. Берлински денови на сказната“. Сите финалисти независно од пласманот покрај пофалниците како награда го добиваат и „Календарот на сказни за 2013 година“.

Стефан Симовски, координатор на проектот во ООУ „Лазо Трповски“

 
Банер