Посетители:38551
Проект на четвртоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ награден во Берлин

 



Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2019 кој традиционално се одржува во Берлин, Германија.

 

Заедничкиот проект изготвен од учениците од 4а одделение „Летаме во вселената“ беше координиран од тројца наставници во својство на ментори Дијана Петроска, Розита Костова и Стефан Симовски. Проектот на учениците од ова скопско училиште успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот и влезе помеѓу десетте најдобри проекти, а за својот конечен пласман наградените добија фарма за одгледување пеперутки и соодветни дипломи.
Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас). Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе седумчлено стручно жири составено од претставници на организаторот Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, парламентарци и претставници на концернот Ербас.


Подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de
Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност.

Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик

 
Банер