Посетители:43927
Еко-проект на ученици од ООУ „Лазо Трповски“ награден во Хамбург

 

Еко-проект на ученици од 9б одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје го освои осмото место на 16. Меѓународен еколошки училиштен натпревар ГЕО 2014, кој традиционално се одржува во Хамбург, Германија. Благодарејќи на овој висок пласман проектот беше награден од страна на стручното жири. Учениците на натпреварот учествуваа со истражувачкиот проект „Заштитата на пошумените површини на локалитетот Калимерово“ (повеќе информации за проектот може да најдете на следниот линк: http://www.geo.de/aktionsportal) што беше координиран од двајца наставници во својство на ментори, Даниела Радевска и Стефан Симовски. Еко-проектот учениците го реализираа во соработка со експерти од  УКИМ Шумарски факултет во Скопје.


Особено внимание кај стручното жири привлече начинот на пошумување со помош на соодветен воден апсорбент и подоцнежната заштита на пошумените површини со црн бор и багрем на локалитетот Калимерово. Имено, локалитетот Калимерово што се наоѓа во близина на Штип е еден од најсушните региони во Република Македонија (со годишни количества врнежи до 500 мм на квадратен метар) и речиси сите извршени акции за пошумување или масовни пошумувања во последните дваесет години (без соодветен воден апсорбент) не ги дале очекуваните резултати.
Годинашниот натпревар во Хамбург беше на тема „Биолошката разновидност и заштитата на видовите“ (повеќе информации во врска со овој меѓународен натпревар може да најдете на следните линкови http://www.geo.de/GEO/natur/oekologie/tag_der_artenvielfalt/ и http://www.geo.de/GEO/natur/oekologie/tag_der_artenvielfalt/schuelerwettbewerb-aufruf-2177.html). Организатор на натпреварот е списанието ГЕО во соработка со Германското здружение за меѓународна соработка (GIZ) и еколошката фондација Хајнц Зилман. Овој еколошки меѓународен училиштен натпревар традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот, 15 јуни (повеќе информации може да најдете на ВЕБ-локацијата www.biodiversity-day.info). ООУ „Лазо Трповски“ на натпреварот учествува втор пат едноподруго.

 


На годинашниот натпревар учествуваа околу 15 000 учесници од 10 европски земји со вкупно 600 проекти. Учеството на натпреварот е екипно, а при изработката на истражувачкиот еко-проект задолжително е раководење на учениците од страна на најмалку еден наставник во својство на ментор и целосно детално документирање на проектот. Главната задача на учесниците на годинашниот натпревар беше колку што е можно подетално да ја проучат биолошката разновидност во еден биотоп во своето опкружување и да ја документираат со цел да дадат автентични информации за состојбата на видовите во него. Целосно завршениот проект во претходно зададената форма од страна на организаторот во Хамбург мораше да биде испратен на германски јазик.


Во своето обраќање до учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ раководителот на натпреварот Том Милер ги упати и следниве зборови: „На стручното жири составено од претставници на фондацијата Хајнц Зилман, книгоиздателството Ернст Клет и членови на редакцијата ГЕО му беше потребно подолго време од вообичаеното за да ги разгледа пристигнатите проекти. Вашиот проект беше прекрасен, а поради својата актуелност и креативната форма на презентација наиде на голем интерес кај претставниците на жирито. Затоа стручното жири соодветно го награди. Особено сум среќен што и покрај силната конкуренција тој влезе меѓу дваесет и петте најдобри еко-проекти на натпреварот и поради својот неоспорен квалитет на крајот се пласира на високото осмо место “.

Стефан Симовски

 
Банер