Посетители:43927
Проект на ученици од ООУ „Лазо Трповски“ награден со пофалница во Хамбург

Проект на ученици од 7б одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје беше награден со пофалница од страна на стручното жири на 15. Меѓународен еколошки училиштен натпревар ГЕО 2013, кој традиционално се одржува во Хамбург, Германија. Седмоодделенците на натпреварот учествуваа со истражувачки проект на тема „Распространувањето и заштитата на инсектојадното растение Drosera rotundifolia во Република Македонија“ (повеќе информации за проектот може да најдете на следните линкови: http://www.geo-artenvielfalt.de/aktionen/2013/ и на http://www.geo-artenvielfalt.de/aktionen/2013/Drosera_rotundifolia) под менторство на предметните наставници Даниела Радевска и Стефан Симовски. Проектот учениците го реализираа во соработка со студенти и експерти од Катедрата за ботаника и дендрологија на Шумарскиот факултет во Скопје, Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје и Истражувачкото друштво на студенти биолози при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На голем интерес кај стручното жири наиде тоа што инсектојадното растение Drosera rotundifolia (познато под народното име муволовка) во нашата земја претставува загрозен вид и досега е пронајдено само на планината Влаина, во месноста Јудови ливади, на височина од 1090 метри, во близина на Пехчево.

Годинашниот натпревар во Хамбург беше на тема „Биолошката разновидност во нашето опкружување“ (повеќе информации во врска со натпреварот и наградените проекти може да најдете на http://www.geo.de/GEO/natur/oekologie/tag_der_artenvielfalt/schuelerwettbewerb-2013-aufruf-2177.html и http://www.geo.de/GEO/natur/oekologie/tag_der_artenvielfalt/der-geo-schuelerwettbewerb-die-gewinner-stehen-fest-75729.html). Натпреварот е во организација на списанието ГЕО во соработка со Германското здружение за меѓународна соработка GIZ (македонска транскрипција Ге-И-Цет) а традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот, 15 јуни (повеќе информации може да најдете на ВЕБ-локацијата www.biodiversity-day.info).
На годинашниот натпревар учествуваа повеќе од 90 училишта од 6 земји (Германија, Австрија, Швајцарија, Сингапур, Чешка и Македонија) со вкупно 632 проекти. Учеството на натпреварот е екипно, а при изработката на истражувачкиот проект задолжително е раководење на учениците од страна на наставник-ментор и целосно документирање на проектот. Главната задача на учениците на годинашниот натпревар беше учесниците колку што е можно подетално да ја проучат биолошката разновидност во биотопите во своето опкружување и истата да ја документираат. Целосно завршениот проект во претходно зададената форма од страна на организаторот во Хамбург мораше да биде испратен на германски јазик.

Во своето обраќање до учениците од ООУ „Лазо Трповски“ во име на организаторите на натпреварот Том Милер, уредникот на германското издание на списанието ГЕО, ги упати меѓу другото и следниве зборови: „На стручното жири составено од претставници на фондацијата Хајнц Зилман, книгоиздателството Ернст Клет и редакцијата ГЕО му беше потребно подолго време од вообичаеното за да ги разгледа пристигнатите проекти. По деталното разгледување на сите пристигнати проекти, сметавме дека поради квалитетот на проектите на годинашниот натпревар треба да доделиме повеќе награди, но за жал буџетската рамка тоа не ни го дозволи. Но не треба да се разочарувате, Вашиот проект беше прекрасен и наиде на голем интерес кај претставниците на жирито. И покрај силната конкуренција тој влезе меѓу 35 најдобри проекти на натпреварот и за својот неоспорен квалитет заслужи соодветно признание. Затоа стручното жири го награди со пофалница“.

Стефан Симовски

 

 
Банер