Посетители:43928
Меѓународен училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2012

На почетокот на јуни годинава третоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ добија значајно меѓународно признание освоено на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2012 што се одржа годинава во Берлин, Германија. Два проекта изготвени од учениците од 3а одделение „Воздушниот сообраќај во минатото, денес и во иднина“ (ментор: Елена Угриноска) и 3б одделение „Летаме во вселената“ (ментор: Јагода Ололовска) рамноправно со уште 49 од вкупниот број пристигнати проекти на натпреварот влегоа во потесната конкуренција за награди.

Натпреварот го организираше Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија (БДЛИ) од Берлин во соработка со Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и Ербас). Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од 3 и 4 одделение ја донесе деветчлено стручно жири. По деталното разгледување тоа додели три главни награди и една специјална, додека останатите 49 финалисти добија соодветни признанија за пласманот во потесната конкуренција за награди (подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de)

Според мислењето на стручното жири сите 49 проекти што влегоа во потесната конкуренција за награди го имаа потребниот содржински квалитет, обработуваа една од спецификите на главната тема на натпреварот зададена од организаторот, активно ги вклучија учениците во изработката на проектот како тим и понудија оригинална и креативна форма на презентација. Но со оглед на тоа дека на натпреварот се доделуваат само три награди главно одлучуваат нијанси. Од тие причини членовите на жирито искрено жалат што сите финалисти не успеаја да се закитат со награда.
Сите финалисти покрај признанието ќе добијат и бесплатен примерок од детското научно списание „Јури“ наменето за ученици од второ до четврто одделение.
Наградите на најуспешните ќе им бидат врачени на пригодна свеченост на 14 септември 2012 година во главниот град на Германија.
Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје го реализираше како воннаставна активност.

Стефан Симовски, проектен координатор во ООУ „Лазо Трповски“ – Скопје

 

 
Банер