Посетители:51132
Кој бил Лазо Трповски - зошто го носиме неговото име?!?

Лазо Трповски - 60 години од смртта
ЗАСЛУЖЕН СИН НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД


Јавно ги жигосуваше спогодбите меѓу грчката и бугарската влада за размена на населението од 1919 до 1924 година со што македонското население од Егејска Македонија се искоренуваше од своите имоти и се употребуваше како монета за поткусурување во меѓусебните сметки на Грција и Бугарија.
Лазо Трповски не доживеа да го види разгорот на НОБ на теренот каде што толку години работеше и го помина најдобриот период од својот живот. На одење за Солун, заедно со други шестмина, паднаа во заседа на националистите од колаборационистичката организација ЕКА и беа масакрирани на дивјачки начин. Лазо не доживеа да ги види со сопствените очи ниту бедите што следуваа како последица од една погрешна политика на раководството на КПГ, на она Партија на која & беше толку верен.

Селото Д’мбени, Костурско, е едно од ретките села од Западна Македонија, чии жители од дедо-прадедо ги продолжуваат револуционерните македонски традиции. Д’мбени прво меѓу другите села во Костурско ја започна борбата за духовни и културни права на македонскиот народ против Цариградската патријаршија. Таму е роден Лазо Трповски во 1901 година како прво дете на Насо Трповски, чие семејство даде многу револуционери, активни учесници во револуционерното движење во Егејската Македонија и Грција.

НАДВОР ОД МАКЕДОНИЈА

Уште како дете Лазо се разликуваше со својот темперамент од другите негови врсници во селото и секогаш беше меѓу одличните ученици. Првата светска војна го затекна како момче на петнаесетина години. Не е познато кога точно станува активен член на КПГ, но честопати го свртуваше вниманието на полицијата поради неговите отворени истапи против експлоатацијата на работниците. Јавно ги жигосуваше спогодбите меѓу грчката и бугарската влада за размена на населението од 1919 до 1924 година со што македонското население од Егејска Македонија се искоренуваше од своите имоти и се употребуваше како монета за поткусурување во меѓусебните сметки на Грција и Бугарија. Во тој период КПГ развиваше широка дејност во врска со размената на населението, а по објавувањето на Мајскиот манифест на ВМРО (Обединета) од 1924 година зазеде и став за обединета и независна Македонија и Тракија, во што учестуваше и Лазо Трповски.
Во 1928 година пред апсењето и судењето од воен суд поради неговата политичка дејност, беше принуден да емигрира во Канада, каде што во текот на четири години, покрај секојдневната работа за обезбедување на својата егзистенција, активно учествуваше во синдикалниот и политичкиот живот на оваа земја. Трповски членува во Канадската комунистичка партија, а работи во напреднатите македонски емигрантски организации (МАНС) и други. Особено се истакна во разобличувањето на ванчомихајловистичките елементи. Луѓето на Ванчо Михајлов во Канада го сметаа за опасен човек, го следеа насекаде и го предаваа на канадските власти. Канадската полиција, исползувајќи еден политички инцидент во 1932 година, го апси Трповски за кого подоцна е донесено решение да биде екстрадиран во Грција. Но, и таму не смееше да се врати, бидејќи го очекуваше затвор и интернација заради ставот за самоопределување на Македонците како одделна нација. Сепак, канадските комунисти успеваат по патот од Канада за Лондон да го одвлечат Трповски и тој наместо за Грција заминува за Советскиот Сојуз.
Пред да биде депортиран од Канада, Трповски преку партиски врски испрати едно писмо до другарите во Канада во кое јасно се гледаше веќе изградениот лик на револуционер и борец. "Дали ќе останам жив, не е толку важно. Јас нема да бидам ни првиот, ни последниот што ќе го жртвува својот живот во борбата. Жалам само за едно - што не можам да бидам меѓу вас да ги искоренеме агентите на фашизмот и врховизмот од редовите на иселениците. Убеден сум дека Вие, моите другари, ќе по продолжите и ќе го завршите тоа дело...".


ЗАТВОР, ИНТЕРНАЦИЈА

Во Москва Лазо Трповски остана три години, каде што учествува во Високата партиска школа. Тој не забораваше дека произлегува и му припаѓа на еден понижен и обесправен народ кому од грчките режими не му се признаваше ништо освен задолженија и знаеше дека еден ден кога ќе се врати во Грција ќе има многу работа по ова прашање.

Во 1935 година, преку партиски канали, Трповски беше префлен во Грција и тука веднаш се оддаде на партиска работа. Во овој период активно се вклучува во работата на ВМРО (Обединета) која ги популаризираше идеите за создавање Обединета Македонија и Тракија. Неколкупати успешно ги одбегнува полициските заседи, се до 17 јануари 1939 година кога беше опколен во куќата на еден негов пријател во селото Сливени и уапсен. По долго мачење во визбите на безбедноста во Костур, беше изведен пред суд заедно со уште неколку комунисти. Трповски беше осуден на строг затвор од шест месеци на островот Егина и на уште три години интернација во претворената во специјален затвор за комунисти злогласната венецијанска крепост Акронавплион, на Пелопонез. Капитулацијата и првите денови од окупацијата на Грција од германско-италијанските и бугарските војски, Трповски го затече уште како затвореник, бидејќи профашистичката влада на Грција и по своето бегање во странство сакаше комунистите да им бидат предадени на окупаторите. Меѓутоа, со еден вешт потег на еден од затворениците - дедо Неделко Попнеделков од Солун, успеаја да излезат од Акронавплион 27 Македонци и Грци комунисти, меѓу кои и Лазо Трповски.

Доаѓањето на Трповски во Македонија, каде што беше одреден како инструктор на Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија, во летото 1941 година беше одбележано со трескави подготовки за вооружено востание. Во текот на целата 1942 и почетокот на 1943 година, тој во својство на инструктор на Покраинскиот комитет за Македонија, неуморно ги обиколува околиите Костурска, Леринска, Воденска се до Солунско. Во пролетта 1943 година Трповски формира посебен македонски одред со командир Паскал Михаиловски и комесар Аргир Валсамов, со задача да агитира сред заведените од окупаторот Македонци за живо разоружување, а во случај ваквата агитација да остане бесплодна, македонскиот одред да биде тој што ќе ги нападне и обезоружи контрачетниците. Лазо Трповски не доживеа да го види разгорот на НОБ на теренот каде што толку години работеше и ги помина најдобрите години од својот живот. На одење за Солун надвор од селото Имера, Кожанско, Лазо заедно со други шестмина, меѓу кои двајца членови на Покраинскиот комитет, на 11 април 1943 година паднаа во заседа на националистите од колаборационистичката организација ЕКА и беа масакрирани на дивјачки начин. Лазо не доживеа да ги види со сопствените очи ниту бедите што следуваа како последица од една погрешна политика на раководството на КПГ, на онаа Партија на која & беше толку верен. Неколку месеци по неговата смрт, во септември 1943 година еден македонски одред во Костурско го носеше името на Лазо Трповски.

 

 
Банер